Околу сто луѓе во Словенија се отруени од тартар бифтек набавен пред Божиќ, а постои сомневање дека станува збор за салмонела, објавија во словенечките медиуми.
Сите купувале готов, пакуван тартар бифтек или месо од кое го правеле овој деликатес дома, во семејната месарница Пуч во Илирска Бистрица.
Првите симптоми на труење со храна, во вид на проблем со дигестивниот систем, повраќање, дијареа и силни болки во стомакот, се појавиле кај луѓето кои купувале во таа месарница во саботата, а продолжиле да пазаруваат таму и следните денови, објаснуваат словенечките медиуми.
Месарницата потоа била затворена за да земе примероци од месо, а сопственикот за медиумите изјавил дека се уште не е јасно дали контаминацијата на месото настанала во месарницата или кај добавувачот на месо.
Тој потврдил дека месото не се увезува, туку дека е домашно и дека по правило се набавува само од домашни производители.
Се уште не е потврдено дали салмонелата е причина за ова масовно труење.
Ветеринарната инспекција земала мостри од месото и ги испратила на анализа, чии резултати наскоро треба да бидат познати, а сите вработени во месарницата се испратени на лекарски прегледи.
Инаку специјалитетот тартар бифтек се подготвува со живо месо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.