Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се сретна со премиерот на Косово, Авдула Хоти со кого разговараше за моменталната состојба на Западен Балкан.

Во својата прва директна средба со Хоти, Столтенберг ја поздравил последната рунда од преговорите меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ што се одржа во Брисел, истакнувајќи дека дијалогот е единствениот начин да се најде трајно политичко решение на Западен Балкан.

Столтенберг и Хоти разговарале и за договорот постигнат во Вашингтон за нормализирање на економските односи меѓу Косово и Србија.

Столтенберг му порачал на својот соговорник дека НАТО е целосно посветен на стабилноста на Западен Балкан преку 3.500 војници на КФОР распоредени на Косово. Тој додал дека мандатот на КФОР останува непроменет, односно да обезбедува сигурна околина и слобода на движењето за сите граѓани на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на ОН донесена во 1999 година.

Во однос на пандемијата на Ковид-19, генералниот секретар на НАТО го поздравил тоа што патнерите и сојузниците на Алијансата веќе обезбедиле значителна медицинска поддршка на институциите на Косово и што КФОР директно учествува во распределба на намирници.

Столтенберг истакнал и дека Алијансата разгледува како понатаму да го поддржи Косово во неговиот одговор на пандемијата на Ковид-19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.