Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, информира дека се зголемува бројот на лица заразени со Ковид-19, како и дека бројот на пациенти во болниците е се поголем.

По средбата со директорите на ковид болниците, Лончар истакна дека искористениот капацитет на ковид болниците во Белград надминува 60-70 отсто и дека 14-15 пациенти веќе се сместени во привремената болница во белградската Арена.

Кога ги имаме тие бројки, тогаш можеме да претпоставиме дека ќе има поголем број луѓе на респиратори за дишење и оние кои, за жал, ќе починат. Не постои здравствен систем што може да прими половина од граѓаните на таа земја – изјави Лончар.

Министерот апелира до граѓаните да се пријават на време во ковид амбулантите веднаш штом ќе се појават првите симптоми. Како што најави, се подготвуваат и ковид болниците во Батајница и Крушевац, со по 1.000 места, во кои ќе работат над илјада здравствени и немедицински работници.

Ние се подготвуваме за најлошото сценарио, следиме што се случува во регионот и Европа, мислам дека се опуштивме повеќе отколку што требаше. Србија се уште има добар резултат, но сè може да се промени ако не се почитуваат мерките. Апелирам до сите граѓани да не играме „мачка и глувци“ со мерките, бидејќи мора да размислуваме и за пациенти кои страдаат од други болести – изјави Лончар.

За воведувањето нови мерки Лончар изјави дека е потребна рамнотежа меѓу мерките и функционирањето на државата.

Ако сакате да обезбедите лекови, плати за вработените, нови болници, тоа не може да се постигне ако затворите сè. Не се мерките тие кои ќе ја победат короната, тоа е нашата свест – изјави српскиот министер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.