Турски и српски медиуми ја пренесоа веста дека српската манекенка Тања Ѓукиќ пријавила дека била жртва на насилство од дечкото Чагри Тортоп, турски државјанин со кој била во врска две години и живееле заедно.

Насилникот седум часа се изживувал со неа во нивниот заеднички стан во Истанбул, а мотив за свирепиот напад наводно била неговата патолошка љубомора.

Турските медиуми објавија фотографии од претепаната Србинка која има видливи модринки и подливи по главата и целото тело. Ѓукиќ сама го пријавила случајот во полиција.

Бев претепана на 2 јуни, по расправија што почна околу 20 часот. Дечкото ме пречека со автомобил откако завршив едно снимање и откако влегов внатре почна расправијата предизвикана од неговата љубомора. Откако стигнавме во станот, расправијата продолжи, но набрзо кулминираше со ѕверски тупаници и клоци. Го молев да престане, но не ме слушаше, продолжуваше да ме удира каде стигне“, стои во нејзината изјава.

Таа додава дека паднала во бесознание од ударите и подоцна од модринките сфатила дека тој продолжил да ја тепа и откако се онесвестила.

Потоа, истепана и помодрена, ме одвлече до спалната соба и таму ме заклучи. Трпев болки, бев гладна и жедна. Ми се закануваше дека ќе ме избоди со нож ако се обидам да излезам. Дури следниот ден околу 10 часот ми ја отвори вратата и тогаш успеав да побегнам од станот и да го пријавам во полиција“, раскажува Ѓукиќ која исказот во полиција го давала во присуство на преведувач.

Таа раскажува дека успеала да го убеди насилникот дека нема да го пријави, како што не го пријавувала и претходните пати кога ја тепал, само да заборават и да излезат надвор.

Кога конечно се согласил, таа ставила очила за сонце и веднаш штом ја отворил вратата, побегнала и се јавила во полиција од најблиското кафуле.

Нејзините родители дошле од Србија за да ја земат, а насилникот уште не е приведен во полиција.

Во Србија е згрижена од Дирекцијата за јавна безбедност како жртва на семејно насилство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.