Од денеска во Србија задолжителна е употребата на заштитни маски во превозот на патници, објави Владата на Србија по седницата на Кризниот штаб.
Од денеска, задолжителна е употребата на заштитни маски во градскиот и меѓуградскиот превоз, а на патниците кои не носат маски нема да им биде дозволено да влегуваат во превозните средства, соопштија од Владата.
Важно е да се напомене дека маските не мора да бидат хируршки, купени во аптека, туку граѓаните можат да користат и памучни маски за повеќекратна употеба и слично, се наведува во соопштенеито.
Што се однесува до затворените простори, кризниот штаб им препорача на сите граѓани да носат маски на сите затворени места, со посебен акцент на поштите, банките, јавните институции, како и продавниците и трговските центри.
Имунологот и член на Кризниот штаб, Срѓа Јанковиќ, оцени за РТС дека состојбата со епидемијата на коронавирус е загрижувачка и дека е потребно малку да се „затегне обрачот“ за да се спречи ширењето на вирусот. Тој оцени дека мора да се спречи ширење на епидемијата кај пошироката популација и како важен чекор го спомена носењето маски во затворен простор и во јавниот превоз.
Епидемиологот Предраг Кон, исто така, претходно предупреди на својот Фејсбук профил дека е можно враќање на некои мерки, иако ја исклучи можноста за повторно воведување на вонредна состојба.
Според официјалните податоци, од коронавирус во Србија досега починале 262 лица, заразени се 12.990, а во изминатите неколку дена, на дневна основа регистрирани се скоро стотина нови случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.