Српското собрание денес усвои измени и дополнувања на кривичниот закон со кои се воведува доживотна казна затвор без условно пуштање на слобода за силувачи и убијци на деца, трудници и немоќни лица. Тој дел од измените на законот е дел од иницијативата на Фондацијата „Тијана Јуриќ“, која со потписи ја поддржаа 160.000 граѓани.

Игор Јуриќ ја основа фондацијата и ја почна иницијативата во знак на сеќавање на својата малолетна ќерка Тијана која беше сурово убиено. Пратениците присуството на Јуриќ го проследија со аплауз.

На гласањето не присуствуваше дел од опозицијата кој ја бојкотира работата на парламентот.

Со усвоените измени на кривичниот закон на Србија се укинува казната затвор од 30 до 40 години и наместо неа се воведува доживотна казна за најтешките кривични дела. Казната е предвидена за убиства на претставници на највисоките државни органи, тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија, здружување за вршење кривични дела, геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства против цивилно население, воени злосторства против ранети и болни, тероризам.

За тие дела е предвидено осудениот на доживотен затвор да може условно да се пушти по одлежани 27 години затвор, но не и за убијците и силувачите на деца, трудници и премалени лица.

Со измените на законот се заострени казните за повторувачите на кривични дела, за малтретирање и мачење, семејно насилство, затајување данок, убивање и малтретирање животни, спречување службено лице во вршење на службена работа, учество во група која спречува службено лице и насилничко однесување на спортски настани.

Со измените на законот се воведува и ново кривично дело напад на адвокати, по барање на Адвокатската комора на Србија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.