Во Србија во четвртокот вечерта пристигнале 20 пробни дози од руската вакцина „Спутник V“ кои веќе се упатени во лабораторија на проверка, а очекуваме до почетокот на март да добиеме и 350.000 дози од вакцината на американската компанија „Pfizer“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во интервјуто за Радио-телевизија на Србија (РТС), претседателот Александар Вучиќ рече дека сите граѓани на Србија ќе ја добијат вакцината бесплатно, доколку сакаат да се вакцинираат.
Не можете никого да натерате кој не сака да ја прими вакцината, но сметам дека се неодговорни сите кои повикуваат таа да не се прима, рече Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека „воопшто не го интересира“ дали Брисел ќе се противи на тоа што Србија има намера да набави вакцини и од Русија и од Кина и оцени дека „секоја вакцина е добра“, бидејќи со истражувањата и производството се занимаваат сериозни светски фарамцевтски компании.
Србија, како што рече Вучиќ, ќе ги прифати и вакцините кои ќе ѝ бидат доделени низ системот COVAX, кој го покренаа Светската здравствена организација (СЗО) и Сојузот за вакцини (GAVI).
Вучиќ истовремено најави и дека во петокот ќе биде отворена нова и современо опремена ковид-болница во белградското предградие Батајница, изградена за само четири месеци, а за петнаесетина дена и ковид-болницата во Крушевац. Болницата во Батајница ќе има 18.000 квадратни метри и места за 930 пациенти, од кои 250 на интензивна и 680 на полуинтензивна нега.
Здравствените власти објавија во четвртокот дека во србија во последните 24 часа биле регистрирани 7.802 нови случаи на коронаинфекцијата, додека 7.726 пациенти во моментов се на болничко лекување, од кои 288 се на респиратори.
Од последиците на компликациите предизвикани од Covid-19, во последното деноноќие во Србија починало 61 лице, или вкупно 1.765 луѓе од почетокот на епидемијата во март. Со денешните има вупно 199.158 вкупно регистрирани случаи на заразта, па се очекува дека Србија во петок сигурно ќе надмине 200.000 коронаинфекции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.