Албанската воена полиција и специјалци ја преземаа контролата над аеродромот во Тирана, ден откако вооружени разбојници го нападнаа блиндираното возило на пистата и побегнале со вреќа пари, јавуваат албанските медиуми.
Во вчерашниот грабеж на аеродромот во Тирана, според последните информации, биле украдени 10 милиони евра.
Полицијата ги демантираше првичните информации дека настанот се случил во близина на аеродромот во Тирана, нагласувајќи дека грабежот бил во авион што бил подготвен за лет кон Виена.
Четворица вооружени и маскирни разбојници облечени во војнички униформи, прво ја исекле жичената ограда и со голема брзина со возило влегле на аеродромската писта приближувајќи се до авионот во кој веќе биле влезени патниците. Тројца од нив влегле во авионот и под закана од просторот за багаж земале торби со пари и побегнале, соопштија истражните органи.
Според изјави на дел од патниците во авионот, тие на почеток мислеле дека станува збор за воена вежба. На неколкумина од нив кои се спротивставиле, разбојниците им се заканиле дека ќе ги убијат.
Грабежот на аеродромот се случил кусо по пристигнувањето на албанскиот претседател Илир Мета од посета во странство.
На аеродромот имало поголемо присуство на припадници на единицата за брза интервенција, поради престојот на американскиот заменик помошник државен секретар Метју Палмер.
По дадениот аларм, тие веднаш реагирале и кај месноста Мостот на Тапиз, недалеку од аеродромот, влегле во меѓусебна престрелка со криминалците при што е убиен еден од нив, кој на себе имал панцир, динамит и во раката држел бомба.
До сега на распит се повикани 40 лица, меѓу кои и шефот на обезбедувањето на аеродромот.
Авиокомпанијата „Аустриан” денеска соопшти дека повеќе нема да врши транспорт на пари од Албанија.
Ова не е прв ваков инцидент на аеродромот. На идентичен начин на 30 јуни 2016 година, тројца разбојници од возило на аеродромската писта украдоа милион евра.
Здруженијата на банките го осудија овој настан и побараа поголема безбедност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.