Утрово на Макишко поле во Белград почнаа работите на насипување и подготовка на теренот на просторот каде што ќе се гради депото на идното метро, со што се официјализираше и почетокот на работите на изградбата на белградското метро. На истото место денеска се собраа еколошки активисти и лидери на неколку опозициски партии, кои се против овој план, бидејќи Макиш е најголемиот извор на вода во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерот за финансии, Синиша Мали, објави видео од почетокот на изградбата на белградското метро, одбележувајќи го тоа како историски важен ден за градот Белград и Република Србија.

-Го исполнивме ветувањето дека ќе го градиме метрото, ги обезбедивме парите и работите почнаа денеска. Во еден од најголемите развојни проекти во земјава ќе бидат вработени 40, 50 големи компании и околу 500 мали и средни компании, што значи дека десетици илјади работници ќе заработуваат од изградбата на метрото, кажа Мали, соопштија од министерството за финансии.

На Макиш има работници кои со тешки машини ја градат инфраструктурата и насипот за депото на метрото, а недалеку има група демонстранти кои се противат на изградбата на метрото, сметајќи дека тоа го загрозува изворот на вода. Тие седнаа на патот и не дозволуваат да поминат возила и градежните машини.

На Макиш, меѓу другите, се и претседателот на опозициската Демократска партија, Зоран Лутовац, лидерот на партијата Заедно за Србија, Небојша Зеленовиќ, како и еколошкиот активист Александар Јовановиќ Чута.

Движењето „Еколошко востание“, кое повика на протест, смета дека се исцрпени сите институционални механизми за одбрана на Макиш и стравуваат дека Белград ќе остане без вода за пиење, прво со контаминација со градежен отпад, а потоа и со целосно исчезнување на водените извори.

Според најавите на министерот Мали, првата линија на подземната железница од Макишко поле до населбата Мирјево треба да биде завршена до крајот на 2028 година, а втората линија од Мирјево до Бежанија до 2030 година.

Покрај кинеската компанија „Пауер Чајна“ која е задолжена за градежните работи, во изградбата на метрото се вклучени и француски компании кои ќе работат на обезбедување композиции и изградба на потсистеми.

Градежниот факултет на Универзитетот во Белград на 27 октомври соопшти дека нема да учествува во понатамошната реализација и развој на проектот бидејќи има забелешки на Нацрт-планот за генералното регулирање на железничките системи во Белград и „остро“ се противи на предложеното решение за белградското метро.

Како главни проблеми ги посочија решенијата на трасите на метрото, како и планираниот редослед на изградба на тие линии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.