Косовската влада издвоила 20 милиони евра за одбрана на обвинетите пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово.

Како што изјави министерот за правда на Косово, Селим Селими, во интервју за порталот „Калѕо“, седум милиони се за одбрана на обвинетите од меѓународниот суд со седиште во Хаг, а 13 милиони евра се резервни средства.

Од овие 20 милиони ќе се издвојат средства за нивна заштита, за поддршка на нивните семејства, што е предвидено со друго упатство со кое се предвидуваат нивните патувања, посети и слично. Посебна помош ќе им биде доделена на оние кои ќе бидат прогласени за невини, како надоместок за нивната ослободителна пресуда – изјави Селими.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, пред Специјализираните совети за Косово, како што е официјалниот назив на судот кој во косовската јавност е познат како „суд за ОВК“, кон средината на ноември годинава почна судскиот процес против четворица од основачите и водачите на таа некогашна воена организација.

На обвинителната клупа седнаа политичкиот директор на Ослободителната војска на Косово, Хашим Тачи, кој поради обвинението поднесе оставка од функцијата претседател на државата, двајца поранешни претседатели на Собранието на Косово, шефот на разузнавањето на ОВК Кадри Весели и нејзиниот портпарол Јакуп Красниќи, како и шефот на пратеничката група на ВВ, Реџеп Селими, една од истакнатите фигури на военото крило на ОВК.

Покана да се јават пред обвинителството во Хаг, во својство на осомничени или сведоци за претпоставени злосторства врз цивили од албанска, српска и друга етничка припадност во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.