По одлуката на ЕМА дека вакцината на АстраЗенека е безбедна и ефикасна, Словенија утре ќе продолжи да вакцинира со оваа вакцина.
Како пример за другите, ќе биде вакциниран државниот врв – претседателот Борут Пахор, претседателот на Националното собрание Игор Зорчиќ, премиерот Јанез Јанша и претседателот на Националниот совет Алојз Ковшц. Ќе бидат вакцинирани пред камерите во 13 часот.
За потсетување, Словенија во понеделникот привремено ја прекина вакцинацијата со вакцината АстраЗенека. Ваквата одлука е донесена превентивно, откако некои други членки на ЕУ го сторија истото, вклучително и Германија, Франција и Италија.
Минатата недела, педагошкиот персонал и наставниците биле вакцинирани со вакцината на АстраЗенека во Словенија. Нема извештаи за случаи на згрутчување на крвта, но во неколку училишта имало потешкотии со наставата поради нешто посилни имунолошки реакции кај наставниците и воспитувачите, па затоа некои веќе поканети за вакцинација последователно ја откажале.
Епидемиологот Матеја Логар во понеделникот наутро на прес-конференција рече дека, и покрај резервациите во некои европски земји, вакцинацијата со вакцината на АстраЗенека во Словенија ќе продолжи и дека придобивките од вакцинацијата се многу поважни од можните засилени имунолошки реакции по вакцинацијата, како што се мускулна болка, главоболка и слични симптоми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.