Опсадата на Сараево, една од најдолгите во модерната историја, окончана е точно пред повеќе од две децении. За време на неа загинаа и Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, познати како сараевските Ромео и Јулија, а ниту една страна не ја презеде одговорноста за нивното убиство.
Тие биле заедно девет години, уште од средношколските денови. Се подготвувале за својата венчавка.
Нас само куршум може да не раздели, говореше Адмира, а нејзиниот Бошко не сакаше да го напушти Сараево без својата сакана, иако мајката Радмила го молела да замине со неа и со братот.
Таткото на Бошко починал уште пред војната и ништо веќе не го врзувало да остане во Сараево, освен она што е најважно, љубовта, љубовта кон својата сакана девојка. Не му паѓало на памет да замине без Адмира од опколениот град.
После една година пекол кој секојдневно го доживувале во Сараево, тие одлучиле да избегаат. Да отидат да живеат нормален живот, исполнет само со љубов. На 18 мај 1993 година тргнаа во потрага по слобода. Околу 17 часот, пристигнале на мостот Врбања на Миљацка во Сараево.
Протрчале преку него држејќи се за рака. Но, еден куршум го погодил Бошко, кој паднал на мостот. Вториот куршум ја погодил Адмира.
Смртноранета доползела до својот сакан и го гушнала. Нивните тела седум дена лежеле на мостот. УНПРОФОР одбил да ги повлече телата, сѐ додека не се прогласи примирје.
Фотографијата од нивните гушнати тела ја виде целиот свет.
Осмиот ден српската војска ги однесе нивните тела и погреба во Лукавица на српските воени гробишта. Силите на ОН одбиле тогаш да помогнат во вадење на телата додека двете страни меѓу себе се обвинуваа за смртта на младиот пар.
Посмртните остатоци во 1996 година по желба на родителите на Адмира и со согласност на мајката на Бошко беа пренесени на гробиштата Лав во Сараево. Бошко и Адмира почиваат заедно.
Мајката на Бошко смета дека тие како и Ромео и Јулија станаа една од оние двојки кои никогаш не се забораваат. Само што таа додава дека нивните семејства не биле против нивната врска, како што беше случајот со трагичниот пар на Шекспир.
Ги одгледав синовите без размислување за религијата и нацијата. Никогаш не сум и говорела дека тие се Срби, а дека овие другите се Хрвати и Муслимани. Не ја гледав Адмира како муслиманка, како различна. Ја гледав како девојка на мојот син, кој тој ја сака и која ја јас ја сакав, изјави несреќната мајка, во документарецот за младиот пар снимен во канадска продукција.
За нив се снимени неколку документарни филмови. „Забрањено пушење“ ја снимиле песната со име „Бошко и Адмира“, а истото го сторил и пејачот Бил Маден.
Опсадата на Сараево беше завршена на 29 февруари 1996 година по 1.425 дена. За тоа време од околните ридишта на Сараево дневно паѓаа по 330 гранати, а на 22 јули 1993 година на жителите биле испукани рекордни 3.777 гранати. За време на опсадата страдале 10.000 луѓе, помеѓу кои 1.500 деца, а градот останал без вода, храна и струја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.