Министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, најави дека една од неговите први претстојни посети ќе биде во Бугарија, во врска со бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Како што јави Бугарското национално радио, министерот Логар изразил надеж дека по предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се формира влада со големо мнозинство, така што таа ќе може да се посвети, меѓу другото, и на прашањето за Македонија.

Логар истакнал дека спорот мора да се реши меѓу двете земји и коментира дека една од земјите има резерви за Македонија, што значи дека тие мора да бидат елиминирани и да се најде решение кое ќе ги задоволи земјите-членки и нема да го комплицира процесот на преговори, ниту, пак, ќе ја отвори Пандорината кутија.

Министерот Логар потсетил дека Македонија и Албанија ги исполниле условите за почнување преговори и затоа следниот чекор треба да биде почнување на меѓувладина конференција со нив.

Амбасадорот на Словенија во Софија, пак, денеска ги презентираше приоритетите на претседателството со второто словенечко претседателство со ЕУ, што почнаа вчера.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.