Откако Грција го ратификуваше Преспанскиот договор и протоколот за членство на Македонија во НАТО со минимално мнозинство во Парламентот, без поддршка од опозициската Нова демократија, денес и Бугарија го ратификува македонскиот прием во НАТО со поддршка само од владејачката партија ГЕРБ и нејзините коалициски партнери.

Бугарската опозициска Социјалистичка партија (БСП) на Корнелија Нинова отсуствуваше од бугарското Собрание на денот на гласањето. Со тоа, само 140 од вкупно 240 пратеници во бугарското Собрание се изјаснија за приемот на Македонија во НАТО. Причината за бојкотот формално не е протоколот за ратификација – БСП се повлече од Собранието пред неколку дена, барајќи да се воведат низа мерки кои ќе гарантираат фер избори и формирање на независна изборна комисија. Но БСП, како наследничка на бугарската Комунистичка партија, гледа многу покритички кон НАТО од владејачката десничарска партија ГЕРБ и повеќе политички коментатори видоа подлабока заднина во постапката на партијата која се приближува до ГЕРБ на анкетите во пресрет на изборите за Европскиот парламент и успеа да го избере својот кандидат Румен Радев за претседател на изборите во 2017 година.

Пратениците Цветан Цветанов и Константин Попов силно ја критикуваа одлуката на БСП да биде надвор од собраниската сала.

Не сакам да го политизирам ова прашање, но жално е што БСП не е тука на овој ден кој е исклучително важен за Бугарија. За нив партиското е поважно од национланото, изјави генералот Попов, кој претседава со собраниската Комисија за одбрана на Бугарија. Цветанов додаде дека е жално тоа што Бугарија не успеала да покаже политичко единство при приемот на Македонија во НАТО.

Бугарската Социјалистичка партија е сестринска партија на СДСМ, а нејзиниот кандидат Сергеј Станишев е дури на чело Партијата на европски социјалисти – паневропската социјалдемократска партија во која членува и СДСМ.

Поранешниот минситер за надворешни работи на Бугарија и функционер на БСП Кристијан Вигенин, исто така, изрази жалење за исходот на денешната седница, но ја обвини Владата на Борисов дека намерно одбила да го одложи гласањето за приемот на Македонија во НАТО за некое подоцнежно време, кога другите спорови меѓу власта и опозицијата ќе бидат надминати и БСП ќе може да биде во Собранието.

Во една нормална држава лидерот на владејачката партија ќе го повикаше лидерот на опозицијата, заедно да изнајдат решенија за новонастанатата ситуација, вклучително и да се покаже пред соседите и пред светот дека Бугарија е единствена во својата поддршка за евро-атланската иднина на Македонија. Лидерот на владејачката партија можеше да го одложи гласањето за протоколот за некое подобро време – ништо не го тераше до толку да брза. Но не, веќе се користи како оружје во меѓупартиските пресметки, изјави Вигенин.

Од СДСМ засега ја поздравуваат ратификацијата на протоколот во Бугарија без да се осврнуваат на отсуството на главната опозициска партија од Собранието.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека за неа е многу важно што првите ратификации доаѓаат од соседните држави како Грција, Албанија и Бугарија.

До овој момент СДСМ не одговори на нашите прашања дали стравува дека токму БСП ќе биде каменот на кој Македонија ќе се сопне при влезот во ЕУ.

Македонија досега доби едногласна или безмалку едногласна поддршка во парламентите на Словенија и Албанија, но по денешното гласање, двете единствени соседни земји – членки на ЕУ и НАТО го ратификуваа протоколот за прием во НАТО без поддршка на опозицијата. Во двете земји и власта и опозицијата бараат натамошни отстапки од Македонија во исполнување на договорите што Владта на Заев ги потпиша со нив, прашање кое ќе се појави при претстојниот Европски совет кога Македонија очекува поддршка за отворање на преговори со ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.