Серија силни земјотреси во Јадранското Море ги вознемирија жителите на Драч, каде што се нанесени и големи материјални штети, а има и жртви. Два од земјотресите, во 3.56 и во 7.10 беа почувствувани и во Скопје.

Поширокото подрачје на Драч каде што беше епицентарот на земјотресот со магнитуда од 6,4 степени според Рихтер, е без струја, а жителите се надвор од своите домови.

Земјотресот беше почувствуван и во Македонија, Црна Гора и Грција. Неколку минути по главниот потрес е регистриран уште еден земјотрес со јачина од 5,3 степени.

Драч од силен земотрес беше погоден и на 21 септември, со магнитуда од 5,8 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот беше на 30 километри северно од Драч,во Јадранско Море.

Странските медиуми јавуваат за неколку урнати згради и најмалку 4 лица го загубиле животот.

Како што пренесува „Егзит Албанија“, илјадници повредени во земјотресот се згрижуваат во болниците во Драч и Тирана.

Се верува и дека две деца се спасени во местото Тумане, оддалечено 30 километри од Тирана, каде најмалку две згради наводно се срушени.

Според пишувањата на локалните медиуми, Драч се соочува со најголеми последици од земјотресот, поради фактот што се наоѓа најблиску до епицентарот.

Фото: егзит.ал

Во овој град се сруши и седумкатен хотел и други згради полни со станари. Засега, нема информации дали има жртви.

Последниот голем земјотрес кој ја погоди Албанија беше пред 2 месеци и со силина од 5,6 степени. Тогаш беа повредени над 100 луѓе, оштетени над 500 куќи и 100 згради, а илјадници луѓе ја минаа ноќта на улиците, стравувајќи да се вратат во своите домови. Во овој земјотрес немаше жртви.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.