Откако се појави делта варијантата на корона вирусот, во Црна Гора расте бројот на заразени кај помладите луѓе, а со тоа ратсе и бројот на сериозно болни што доведува до зголемена смртност кај тие пациенти.

Началникот на Пулмологија и лекар во црвената Ковид зона на Клиничкиот центар на Црна Гора (КЦЦГ) Владимир Јовановиќ, за „Радио Слободна Европа“ (РСЕ) наведува дека од почетокот на вакцинацијата, во мај оваа година до денес, само во ККЦГ починале 15 пациенти со Ковид на возраст од 19 до 50 години.

Ниту еден од нив не беше вакциниран и повеќето од нив претходно немале сериозни здравствени проблеми – објаснува Јовановиќ.

Поранешниот директор на Здравствениот дом во Подгорица и актуелен претседател на Комисијата за заштита и подобрување на здравјето на граѓаните на Подгорица, Небојша Кавариќ, за РСЕ вели дека бројките зборуваат сами за себе и додава дека Црна Гора надминала две илјади починати.

Имаме трагична ситуација кога умираат постари и помлади пациенти, адолесценти. Не ги спасивме и покрај сите протоколи во третманот. Жално е што овие инфекции можеа да се спречат со вакцинација, но за жал не беа – вели Кавариќ.

Според Институтот за јавно здравје, само 37,9 од вкупното население ја примило втората доза на вакцината. Масовната вакцинација во Црна Гора почна на 4 мај.

Официјалните податоци покажуваат дека Црна Гора е на второ место по смртност од Ковид-19 во регионот, веднаш зад Македонија.

Во Македонија се регистрирани 336 смртни случаи на 100.000 жители, во Црна Гора – 324, 319 во БиХ, 223 во Словенија, 219 во Хрватска, 165 во Косово, 132 во Србија и 99 во Албанија.

Во Црна Гора, 2.050 луѓе починале од почетокот на пандемијата на корона вирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.