Поранешни претседатели и премиери на држави во регионот денеска го формираа Подгоричкиот клуб кој ќе се посвети на воспоставување добри односи меѓу државите на Западен Балкан и прифаќање на европските вредности.

Основачи на клубот се претседателот на Црна Гора (2013-2018) Филип Вујановиќ, потоа председателот на Советот за министри на БиХ (1993-1996) Златко Лагумџија, претседателот на Македонија (2004-2009) Бранко Црвенковски, претседателот на Словенија (2007-2012) Данило Тирк, премиерот на Србија (2008-2012) Мирко Цветковиќ и премиерката на Хрватска (2009-2011), Јадранка Косор.\

Членови се претседателот на Словенија (1991-2002) Милан Кучан, претседателот на Хрватска (2000-2010) Стјепан Месиќ, претседателката на Србија (2002-2004) Наташа Мичиќ, претседателот на Албанија (2002-2007) Алфред Моисиу, премиерот  на Црна Гора (2010-2012) Игор Лукшиќ и премиерот на Македонија (мај-ноември 2004) Хари Костов.

Бившиот црногорски претседател Филип Вујановиќ изјавил дека клубот нема да се занимава со историјата. Наместо тоа,  ќе биде фокусиран кон просперитетот на регионот.

„Ќе настојуваме да формираме добар амбиент во кој квалитетно ќе се решаваат внатрешните односи на регионот, како и поединечните односи во државите за кои сметаме дека се вклопуваат во таа визија“,  изјавил тој.

Подгоричкиот клуб ќе оствари средби со претседателите на државите и владите во регионот, коморите, претседателите на академии, невладиниот сектор и културните работници.

„Дојде време ЕУ јасно да се изјасни за тоа дали сака проширување и во кој обем и да се постават некои рокови.“, изјави Јадранка Косор, потсетувајќи на тешките преговори помеѓу Хрватска и ЕУ кога граѓаните биле уморни и разочарани пред крајот на нивното завршување.

Идејата на клубот е да се фокусира на иднината а не на минатото, вели Вујановиќ според кого на регионот кој е дел од ЕУ стратегијата за проширување му е смачено од чекање.

Следната средба на Подгоричкиот клуб ќе се одржи во Загреб или во Љубљана и таму ќе биде упатен повик до ЕУ да започне преговори со Албанија и Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.