Министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис, објави олабавување на мерките во земјата со отворање на сите продавници и моловите, козметичките и фризерските салони, берберниците, центрите за техничка контрола на возила, но под строги услови. Ппаралелно во Грција продолжуваат да бидат во сила полицискиот час од 21 часот до 5 часот наутро, како и рестрикциите за движење.

Иако се најавуваше дека ќе биде воведена специјална услуга за посета на продавниците по претходно закажан термин, сепак, такво нешто не е одлучено, но постојат специјални правила под кои од понеделник почнуваат економските активности во Грција.

Поради забраната за движење, граѓаните ќе имаат на располагање два часа за шопинг и само по претходно испратена смс порака, која ќе треба да ја чуваат во случај на контрола.

За продавниците до 100 метри квадратни дозволени се до четири лица, а за оние над 100 метри квадратни, по едно лице на секои 25 метри квадратни, наместо на 15 како што беше пред карантинот.

Еден посетител на 25 метри квадратни ќе важи и за трговските центри и моловите.

Берберниците, фризерските и козметичките салони ќе работат само со претходно закажан термин.

Во регионите каде што се воведени дополнителни мерки, продавниците ќе работат само за услугата „click away“, односно само со подигнување на однапред направена нарачка.

Одлуката на грчката Влада доаѓа по зеленото светло од надлежната Комисија на епидемиолози, откако претходно на состанок беа разгледани епидемиолошките податоци во земјата.

Рестораните, таверните, кафулињата, баровите, фитнес центрите, како и средните училишта и универзитетите и понатаму се затворени.

Покрај одлуката за отворање на продавниците, во сила и понатаму е полицискиот час, како и забраната патување меѓу периферии и забраната за слободно движење и обврската за испраќање смс порака при секое излегување и само за одредена причина.

Од следната недела, 24 јануари, отворени ќе бидат и црквите.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 610 нови случаи на Ковид-19, а починале 34 лица.

Од почетокот на епидемијата има 147.860 заразени и 5.421 смртни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.