Претстојниот Самит на Движењето на неврзаните, што ќе се одржи на 11 и 12 октомври во Белград, ќе го обезбедуваат 3.243 припадници на Министерството за внатрешни работи, а се очекува да пристигнат 117 делегации со 572 членови.
Министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, соопшти дека сите организациони единици во рамките на тоа Министерство се подготвени за почеток на настанот „Неврзаните 2021“ и дека сите меѓународни делегации ќе бидат обезбедувани на највисоко ниво.
По посетата на Оперативниот штаб во Единицата за обезбедување одредени лица и објекти, формиран во пресрет на 60-годишнината од основањето на Движењето на неврзаните, Вулин ги „замоли“ граѓаните на Белград“ да покажат гостопримство и љубезност.
Нека нашите гости посакаат да се вратат во Белград – порача Вулин.
Движењето на неврзаните е најголемата група држави по Обединетите нации. Самото име настана како идеја дека движењето ќе биде политичка алтернатива за земјите кои сакаат да избегнат да се одлучат за воено-политички блок и да артикулираат независен надворешно-политички пристап.
Во септември 1961 година, функционери од 25 земји се собраа на првата Конференција на Движењето на неврзаните во Белград (тогашна Социјалистичка Федеративна Република Југославија).
Меѓу оние што зборуваа на настанот беа светски државници како индискиот премиер Џавахарлал Нехру, египетскиот претседател Гамал Абдел Насер, претседателот на Индонезија Сукарно и лидерот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, на чија иницијатива конференцијата и беше одржана пред шест децении.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.