Вршителот на должност помошник секретар во американското Министерство за финансии, Пол Ахерн, ги предупреди политичарите на Република Српска дека ќе се соочат со финансиски санкции доколку продолжат да ја дестабилизираат БиХ.

Според соопштението објавено од американската Амбасада во БиХ, американскиот функционер разговарал со водечките претставници на БиХ во Сараево во последните неколку денови и им пренел дека американскиот претседател Џо Бајден објавил извршен декрет со кој се најавуваат мерки за борба против корупцијата како „приоритет на националната безбедност“.

Во тој контекст, тој оценил дека неодамнешните заклучоци на Народното собрание на Република Српска за најавата за повлекување на надлежностите од државните институции на ентитетите „се закануваат да ги поништат последните 26 години мир и стабилност во регионот“.

САД нема да се двоумат да ги повикаат актерите во БиХ, без оглед на нивната политичка определба, кои ги сметаат за одговорни за нивното дестабилизирачко дејствување и постојаната корупција. Американското Министерство за финансии може и ќе ги искористи сите расположливи средства за да се спротивстави на корумпираните актери кои ја загрозуваат иднината на БиХ и нејзините граѓани – порача Ахерн.

Претходно оваа недела, Дерек Шоле, специјален советник на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, му порача на српскиот член на претседателството на БиХ, Милорад Додик, дека тој ќе ги сноси последиците од потезите на власта на Република Српска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.