На три дена пред локалните избори во Албанија, денеска се огласи Американката амбасада во Тирана со порака до граѓаните на САД да ги избегнуваат избирачките места, центрите за пребројување на гласачките ливчиња и објектите каде што се сместени Општинските изборни комисии.

Амбасадата во соопштението ги информира своите граѓани кои живеат или престојуваат како туристи во Албанија дека локалните избори во земјата ќе се одржат на 30 јуни 2019 година, дека гласањето ќе трае од 7:00 до 19:00 часот и оти изборите ќе се одржат во секоја албанска општина.

Се напоменува дека броењето на гласовите ќе биде во соодветните центри и дека во некои општини може да трае и неколку дена.

– Неодамнешните инциденти со насилство насочени кон лицата вклучени во изборниот процес и гласачките материјали ја зголемуваат можноста за дополнително насилство или други загрижувачки настани на денот на изборите. Поради тоа на нашите државјани им препорачуваме да бидат многу внимателни да ги избегнуваат гласачките места, центрите за броење на гласачките ливчиња и објектите каде што се сместени изборните комисии, стои во соопштението на Амбасадата на САД во Тирана.

Истовремено, Амбасадата ги советува државјаните на САД да го избегнуваат секое подрачје каде што има знаци на насилство и да ги следат локалните медиуми за невремено информирање.

На голема внимателност, на денот на изборите, своите граѓани ги повика и Амбасадата на Италија во Албанија.

Албанската Централна изборна комисија денеска соопшти дека издала повеќе акредитации за следење на изборите в недела. Така, Американската амбасада изборите ќе ги следи со 20 набљудувачи и 19 преведувачи, додека италијанската и британската Амбасада со по четворица набљудувачи и по тројца преведувачи. ОБСЕ/ОДХИР изборите ќе ги следи со 150 набљудувачи, а акредитации се издадени и на две странски телевизии – Ал Џезира и австриската ОРТ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.