Руската амбасада во Сараево соопшти дека Русија ќе реагира доколку БиХ преземе чекори кон членство во НАТО, бидејќи Москва тоа ќе го протолкува како непријателски чин.

Во случај на практично зближување на БиХ иа НАТО, нашата земја ќе мора да реагира на таквиот непријателски чин – се наведува во дописот што е објавен, како што се вели, по повод „реакција на бројни публикации што ги воздигнуваат предностите од членство на БиХ во НАТО“.

Како што пренесува Радио Слободна Европа, во соопштението не е прецизирано на кои публикации се мисли. Исто така се наведува дека „целта на НАТО е борба против Русија“, а членството ќе го принуди официјално Сараево да заземе страна во воено-политичкиот спор“.

Ги повикуваме пријателите во БиХ добро да размислат, да ги стават на кантар сите „за“ и „против“, да го земат во предвид мислењето на своите граѓани што е далеку од консензус по тоа прашање“ – се порачува во соопштението.

Русија веќе подолго време се противи на влез на БиХ во Алијансата, а соопштението на Амбасадата доаѓа на еден ден по формирање на Комисија на БиХ за соработка со НАТО.

Задача на Комисијата е да утврдува приоритети во реализацијата на обврските што произлегуваат од учеството на БиХ во НАТО програмата „Партнерство за мир“ и од документите на Програмата реформи во БиХ, пренесе Радио Слободна Европа.

Командантот, пак, на НАТО штабот во земјата, бригадниот генерал Ерик Фоклестад, по контитутивната седница, нагласи дека сите одлуки во врска со Северноатлантсккот сојуз го носи државата БиХ.

Амбасадата на САД во Сараево го поздрави формирањето на Комисијата за соработка со НАТО, како и Програма реформи, што ги усвои Советот на министри на БиХ на седницата на 24 февруари.

Моментно БиХ учествува во Акциониот план за членство (МАП) и единствена земја е со тој статус по членството во НАТО на Македонија во март во 2020 година и на Црна Гора во јуни во 2017 година.

Интеграциите во ЕУ и во НАТО асе дефинирани како стратешки цели на БиХ. Но, босанските Срби, предводени од Милорад Додик, кој моментно претседава со тричленото претседателство на БиХ, се противат на членство во Алијансата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.