Во Србија продолжува бесплатната вакцинација на граѓаните од соседните земји, а во Врање викендов се вакцинираат граѓани од Македонија, за разлика од Лозница каде се вакцинираат граѓаните на Босна и Херцеговина, објави РТС.

Според српскиот јавен сервис, за време на викендот во Врање за вакцинација се пријавиле 753 македонски граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со вакцината на Фајзер. Досега во Врање се вакцинирани 1.105 граѓани на Република Македонија, а двете дози ги имаат примено 836 лица.

Скопјанката Марина Петрова изјави дека закажала термин за вакцинација во РС Македонија, но сака што побрзо да се вакцинира и да ја заврши агонијата со заштитните маски.

Првенствено за да се заштитиме, не патуваме никаде, не планиравме, освен Србија и Република Српска, превентивно, изјави на РТС Станоје Гордиќ од Скопје, кој е дојден во Врање со целото семејство.

Според порталот „Србија денес“ во организација на Српскиот културен и информативен центар „Спона“ од Македонија, во Врање денеска и утре ќе бидат вакцинирани околу 800 македонски граѓани, а во организација на Спона на автопатот на Коридор 10, во близина на граничниот премин Табановце, поставен е билборд – „Благодарам, Србија“, во знак на благодарност за донациите на вакцини за Македонија, како и можноста нејзините граѓани во организирани групи да се вакцинираат во Србија.

Од 3 јуни, кога на граѓаните на БиХ со одлука на српската влада им беше дозволено да се вакцинираат во Србија, повеќе од илјада луѓе се вакцинирани во Лозница. Од саботата наутро ред чекаа десетици граѓани на БиХ, главно од Тузла и Сараево, а дел од нив им беше побарано да одат во Шабац, бидејќи таму нема гужва.

Докторот Зоран Бекиќ за Б-92 изјави дека на Белградскиот Саем вакцинацијата се одвива без гужва и без чекање.

Денес, планот е да се вакцинираат и ревакцинираат граѓаните на Србија, но ќе се изврши бесплатна вакцинација и на граѓаните на Босна и Херцеговина, Република Српска и Република Македонија, изјави Бекиќ за Б-92.

Во четвртокот претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од Владата да овозможи бесплатна вакцинација за сите граѓани на Македонија, но српската Влада, како што беше случајот со државјаните на БИХ сеуште нема донесено одлука за бесплатна вакцинација на македонските државјани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.