Од утрово, специјални единици на косовската полиција се лоцирани во непосредна близина на два административни премини на северот на Косово-Јариње и Брњак, кон Србија. Косовските полицајци ги одземаат регистарските таблички со ознаки од северно Косово, додека возилата со регистарски таблички од централна Србија мора да земат пробни таблички и да платат осигурување, за што властите во Приштина претходно ја имаат известено српската полиција, јави дописникот на МИА од Белград.
Кај Јариње, на местото каде што вчера беа поставени контејнери и каде двапати претходно беа запалени граничните пунктови, патот е блокиран со камиони, собрани граѓани и специјални единици на косовската полиција, јавија српските медиуми.
Потпретседателот на Српската листа, Игор Симиќ, за ТВ Пинк изјави дека на премините Јариње и Брњак се распоредени оклопни возила, како и дека припадниците на единицата РОСУ носат „долги цевки“ и оцени дека властите имаат намера да ги спречат Србите во Косово во слобода на движењето.
-Србите со околу 300 возила во Јариње и со повеќе од 100 возила во Брњак го блокираа сообраќајот во двете ленти, икажа Симиќ.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Ѓељај Свечија, соопшти на својот Фејсбук профил дека дејствијата на косовското Министерство за внатрешни работи се насочени кон спроведување на договорот за слободно движење – особено за регистарските таблички на возилата.
-Во оваа прилика, со цел да се овозможи слободно движење на граѓаните по истекот на договорот од 14 септември 2014 година, Министерството за внатрешни работи донесе одлука со која се уредува и се обврзува да се обезбедат привремени регистарски таблички за сите возила со српски регистарски таблички што влегуваат територијата на Република Косово, на своите гранични премини, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека од 15 септември возилата со регистарски таблички со ознака „КС“ повеќе не можат да сообраќаат и дека единствените официјални и валидни регистарски таблички се оние издадени од службениците на МВР и со ознака „РКС“.
Во соопштението се посочува и дека ситуацијата е мирна и дека полицијата ги презела сите мерки за да не го попречува движењето на луѓе и стока.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за утре во 10 часот закажа итна седница на Советот за национална безбедност, на која главна тема ќе бидат настаните во Косово.
Во пресрет на овие настани, за денес во Белград е најавено доаѓањето на специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак за да го раздвижи дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.