На граничните премини, на сите задолжително ќе им се прави брз тест, вклучително и на возачите на камионите, а при позитивен резултат нема да биде дозволен влез, додека за сите останува обврската за потврда за негативен ПЦР тест, но и задолжителен домашен карантин од 14, наместо седум дена како што беше досега
Грција дополнително ги зајакнува мерките за заштита од коронавирусот на граничните премини Евзони со Македонија и Какавиа со Албанија, кои ќе работат од 7 до 19 часот, наместо до 23 часот, а дневно ќе биде дозволено да поминат најмногу 400 лица, јави МИА од Атина.
Мерките, попладнево ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој рече дека рестрикциите се воведуваат за да избегне дополнително ширење на вирусот од копнените влезни точки, од понеделник 1 март во 6 часот наутро до понеделник 15 март во 6 часот наутро.
На граничните премини, на сите задолжително ќе им се прави брз тест, вклучително и на возачите на камионите, а при позитивен резултат нема да биде дозволен влез, додека за сите останува обврската за потврда за негативен ПЦР тест, но и задолжителен домашен карантин од 14, наместо седум дена како што беше досега.
Границите на Грција за нас се затворени речиси една година. Дозволени се преминувања само за есенцијални причини, односно за членови на семејства на европски државјани, вработени во здравствениот сектор, лица кои се грижат за стари лица, сезонските работници во земјоделскиот сектор, вработените во транспортот, дипломати, меѓународен воен персонал, хуманитарни работници кои се на должност, транзит патници, патници кои патуваат од неопходни семејни причини, студенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.