Минатата недела во Словенија се регистрирани 390 нови инфекции со корона вирус, што е речиси двојно повеќе во однос на претходната недела. Поради таквиот пораст, епидемиолозите предупредуваат на потенцијални ризици, особено поради ширењето на Делта варијантата ширум светот.

Затоа, во сегашната ситуација, епидемиолозите не препорачуваат патување во земји каде што почнува да доминира Делта сојот, ниту, пак, масовни собири на музички концерти или фестивали.

Во последно време има многу „увезени“ инфекции со новиот сој, најмногу по враќањето од Шпанија, но и од Хрватска и други дестинации – изјави епидемиологот Нушка Чаки Јагер од Институтот за јавно здравје..

Како што пренесуваат словенечките медиуми, Институтот за истражување „Јожеф Штефан“, кој работи на проектирање на развојот на епидемијата во Словенија, верува дека Делта варијантата наскоро би можела да стане доминантна, бидејќи се појави двојно повеќе во секвенцираните примероци минатата недела, како и претходната недела. Според епидемиологот Матеја Логар, преваленцата на оваа варијанта во Словенија во моментов е од 20 до 28 проценти.

Словенечката Влада oбјави дека биле потврдени 84 инфекции во последните 24 часа или 4,6 проценти од сите анализирани примероци биле позитивни, додека учеството на позитивните тестови претходниот ден било само 2,1 процент.

Податоците од Министерството за здравство покажуваат дека во последно време се влошуваат и некои други епидемиолошки податоци, така што 7-дневниот просек на потврдени инфекции се зголеми на 61 случај, како и 14-дневната инциденца на инфекции на 100.000 жители, што се искачи на 29

Од друга страна, хоспитализациите се намалуваат, така што во болниците има 39 ковид пациенти, од кои десет се на оддели за интензивна нега, а во последните 24 часа нема нови смртни случаи меѓу пациентите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.