Албанскиот премиер Еди Рама денеска за време на неговата посета на Скадар, каде продолжи процесот на вакцинација на вработените во образованието, објави дека наскоро во земјата ќе пристигне нов контингент вакцини против коронавирусот.

Добрата вест е дека ќе имаме доволно вакцини. Вакцинацијата е доброволна, не е задолжителна, па затоа е нормално да се двоумиме, рече Рама по информациите дека некои наставници одбиле да ја примат вакцината на „АстраЗенека“.

Тој додаде дека по вакцинирањето на лицата над 80 години, ќе започне вакцинацијата на лицата над 60 години.

Претходно министерката за здравство, Огерта Манастирлиу, најави дека во април ќе приситигне нова пратка од компанијата „Фајзер“ што ќе се состои од 60.000 вакцини.

Досега во земјата се пристигнати над 80.000 вакцини против Ковид-19, а од нив 38.400 од „АстраЗенека“, додека останатите се од „Фајзер“.

Вакцинирани се над 33 илјади лица, главно здравствени работници, како и лица постари од 80 години и просветни работници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.