Албанскиот премиер Еди Рама во наредните денови ќе се сретне со Албин Курти, победникот на предвремените парламентарни избори во Косово, одржани на 6 октомври.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се сретне со Курти, Рама рече дека ќе се сретне деновиве и оти се согласува со ставот на Курти дека има потреба од нов поттик во односите меѓу двете држави.

Ќе се сретнеме во деновите што доаѓаат, на негово барање. Со нетрпение ја очекувам средбата. Со внимание ги следам неговите изјави и се согласувам дека има потреба од нов поттик во односите меѓу двете земји и постигнатите договори. Со новата косовска влада се надевам дека ќе ги пополниме празнините создадени од претходната влада, изјави Рама.

Тој рече дека и Косово и Албанија треба да имаат државни министерства кои ќе се занимаваат со односите меѓу двете земји.

Имам неколку нови предлози што ќе му ги дадам. Мислам дека треба да формираме државни министерства за соработка меѓу двете земји, кои ќе го следат спроведувањето на договорите и да оценуваат што треба понатаму да се прави, со цел да се подобрат односите и соработката. Се надевам дека Курти ќе преземе одговорност и ќе премине од опозициската поезија во проза на управување, рече шефот на абанската Влада.

Тој додаде дека со големо задоволство ќе дискутираат и за „новите идеи на Албин“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.