Албанскиот премиер Еди Рама на 13 месецов повторно ќе патува за Брисел, но овој пат не за евроинтеграцијата, туку за средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавија албанските медиуми.

Рама пред неколку дена јавно го објави предлогот на албанската влада за поставување воена база на евроарланската алијанса во новото пристаниште Драч, што според него предизвикало не мал интерес, туку и волја за разговор.

Според шефот на албанската извршна власт, во новото пристаниште, кое ќе биде во Порто Романо, покрај комерцијалниот дел, се предвидува да има и воена база.

-Проектот детално ќе го презентираат албански експерти во соработка со оние на НАТО за да се продолжи со конкретни чекори на терен. Но, покрај воената база на НАТО во Драч, дел од разговорите меѓу албанскиот премиер и генералниот секретар на алијансата ќе биде и војната во Украина, наведува Ора њуз.

По средбата е предвидена заедничка прес-конференција.

Порто Романо треба да биде најголемото трговско пристаниште на брегот на Јадранското Море, а сега покрај трговското пристаниште треба да добие и воен дел.

-Наскоро повторно ќе одиме во Брисел за да ги продолжиме нашите дискусии во врска со нашиот предлог за формирање поморска база на НАТО во новото пристаниште Драч, која ќе биде изградена и кофинансирана од Албанија и од НАТО алијансата, изјави Рама на почетокот на месецов.

Тој претходно му понуди на НАТО обновување и реконструкција и на поморската база Пашалиман, кај Валона.

Во јануари годинава, Алијансата ја започна реконструкцијата на воздухопловната база Кучово, кај Берат, на околу 85 километри јужно од Тирана, која ќе прерасне во модерен центар на операции и нејзината способност е да прими голем број борбени авиони. Ќе бидат вложени 50 милиони евра и се очекува да биде оперативна до крајот на 2023 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.