Претседателот на Бугарија, Румен Радев потпиша указ со кој му предлага на 46-то Национално собрание да го избере кандидатот за премиер предложен од политичката партија „Има таков народ“, Пламен Николов. Тоа го соопшти Кабиентот на шефот на бугарската држава.

Пламен Николов денеска пред Радев, во уставниот рок, ја претстави структурата и составот на предлог-кабинетот на партијата Има таков народ.

Владата што ќе биде предложена за гласање во парламентот ќе има двајца вицепремиери – Ради Најденов, предложен за вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи, и Петар Илиев – вицепремиер за безбедност и внатрешен ред, кој исто така ќе биде министер за внатрешни работи. Кандидатурата на Илиев беше критикувана од пратеници со кои се во тек разговори за поддршка.

– Знам од искуство колку е тешко да се формира кабинет. Да се ​​привлечат чесни луѓе со јасни граѓански позиции со потребна експертиза, искуство и визија за развој на соодветното министерство. Луѓе кои можат да се соберат во едно и ефикасно тело. Се надевам дека успеавте во оваа тешка задача – рече Радев.

Ниту една партија во Народното собрание на Бугарија сѐ уште не зазеде категоричен став дека ќе ја поддржи владата на Пламен Николов. Само ГЕРБ изјавија претходно оваа недела дека одлучиле да гласаат против кабинетот на ИТН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.