Бугарскиот претседател, Румен Радев, претпладнево му го врачи мандатот за формирање на нова бугарска Влада на Кирил Петков, копретседател на победничката партија на изборите од 14 ноември „Промените продолжуваат“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, претседателот Радев му посака успешен мандат во слободна, европска и просперитетна Бугарија.

Мандатарот Петков, од своја страна, изјави дека е почестен што ја презема папката со мандатот за формирање влада од претседателот на земјата.

Заедно со Петков, на чинот на предавањето на мандатот присуствуваа и вториот копретседател на „Промените продолжуваат“, Асен Василев, кандидатот за вицепремиер Калина Константинова и претседателот на пратеничката група Андреј Ѓуров.

Се очекува во 13 часот во зградата на Народното собрание првите луѓе на „Промените продолжуваат“ да ја презентираат структурата и составот на новиот Совет на министри на Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.