Бугарскиот претседател Румен Радев бара за Македонија да се отвори посебно поглавје во преговарачката рамка, во кое ќе бидат содржани сите критериуми за добрососедство. Според него, Бугарија пред сѐ мора да ги брани својата историја, јазик и идентитет.

Никој освен ние самите не може да го направи тоа. Убеден сум дека отворено соработувајќи со нашите соседи и браќа, ќе го најдеме вистинското решение, но бидејќи Договорот за добрососедство не води кон тоа, имаме право да бараме други средства. Бугарија не е кандидат за членство, туку Република Македонија. Таа мора самата да одлучи дали ќе продолжи со идеологиите на омраза од минатото или ќе започне демократски развој – изјави Радев за БНТ.

Бугарскиот претседател тврди дека тој ја убедил владата на Бојко Борисов дека не може да има безрезервна поддршка за Скопје и оти по негов предлог во Парламентот во Софија е усвоена националната рамка со „црвените линии”.

На прашањето дали е можно Бугарија и Македонија да најдат решение до вторник, за кога е закажан состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, Радев вели дека е збунувачки молкот на бугарската влада.

Таа нема јасно изразено противење. Има правилни позиции, но нема јасни механизми со кои треба да се постигне целта – рече бугарскиот претседател.

За неодамнешниот телефонски разговор со македонскиот претседател Стево Пендаровски вели дека бил многу искрен.

Знам дека е тешко. Ова е предмет на внатрешнополитички противречности. Но мене ме интересира една работа – што прави државниот врв на Република Македонија во однос на државната политика за учебниците, музеите, спомениците, официјалните рубрики на јавните медиуми и веб-страници и истражувањата на научните организации и институти – рече Румен Радев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.