Билатералната соработка, енергетиката, туризмот, инвестициите, климатските промени, пандемијата, односите на Русија со ЕУ и НАТО, Балканот, Источниот Медитеран, кипарското прашање, биле дел од темите за кои разговарале рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната средба во Сочи, јави дописничката на МИА од Атина.

-Нашите односи традиционално се градат во духот на добрососедството, покриваат широк спектар на области на соработка и имаат взаемно корисен карактер на еден партнерски однос. Токму ова беше духот на денешните разговорите со Мицотакис. Беа сеопфатни и ефикасни, истакна Путин.

Рече дека и покрај тешкотиите што ги создаде пандемијата, трговијата меѓу двете земји е на ниво пред пандемијата, а во првите девет месеци од годинава се зголемила за 56 отсто.

Му се заблагодари на Мицотакис што Грција ги призна руските сертификати за вакцинација со Спутник В, се осврна и на енергетиката, велејќи дека Русија обезбедува над 40 отсто од потребите на Грција, а снабдувањето веќе е и преку новиот гасовод.

-Русија целосно ги исполнува своите обврски кон Грција и кон потрошувачите од европските партнери, истакна рускиот претседател и додаде дека се подготвени да ја надградат соработката во оваа област.

Грчкиот премиер истакна дека имале долга искрена и продуктивна дискусија за билатералните односи и нивната перспектива, истакнувајќи дека средбата ја гледа како „уште еден мост за зајакнување на односите  меѓу двата народи и можност да се прошири соработката меѓу двете Влади врз основа на взаемната почит и заедничкиот интерес“.

Путин: Ќе ги доставиме нашите идеи до САД

За односите на ЕУ и НАТО со Русија, Мицотакис истакна дека ги препознава големите предизвици, но ја претпочита потребата „секогаш да бидат отворени каналите на комуникација“.

-Русија е дел од европската архитектура на безбедност. Затоа, функционалниот однос на крајот им користи на сите страни. Грција, како членка на Европската Унија и НАТО, со големо внимание пристапува кон овие односи и затоа не ја криев мојата загриженост за разгорувањето на тензиите во Украина. Верувам дека конфликтот таму нема да има победник, ќе има само губитници, истакна Мицотакис.

Во однос на НАТО, Путин порача дека „тоа е воен блок и за жал овој блок следи конфликтна линија во однос на Русија“ и гледа „однесување што не е пријателско кон Русија“ , истакнувајќи дека Москва не се стреми кон конфликт.

За вчерашната видеоконференциска средба со американскиот претседател Џо Бајден, Путин рече дека се согласиле да ја продолжат дискусијата и да разменат идеи.

-Нашите идеи ќе ги изготвиме во рок од една седмица и ќе ги доставиме до американската страна за да ги разгледа, рече Путин



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.