На денешната пленарна седница на Парламентот на Албанија, на која на дневен ред е Нацрт-буџетот за 2021 година, пратеникот Васил Стерјовски од Македонската алјанса за европска интеграција остро забележа дека со буџетот не е предвидена инвестиција во општина Пустец.
Со жалење забележувам дека во Нацрт-буџетот за 2021 година, единствена општина во која не се планира да се инвестира е Пустец, иако жителите на македонската заедница во општина Пустец немаат основни услови за живот, како што е снабдувањето со вода за пиење, канализација, асфалтирање рурални патишта, редовно снабдување со електрична енергија итн., рече Стерјовски.
Додаде дека локалната власт на Пустец, благодарение на одобрениот фонд од страна на Националната агенција за водоснабдување и канализација, подготвила проект за изградба на водоводна мрежа.
Овој проект веќе е доставен на разгледување и одобрување до Техничкиот совет на Националната агенција за водоснабдување и канализација. Одговорните институции на централната власт треба да гo земат предвид и да обезбедат средства за 2021 година, за финансирање на виталниот проект за жителите на Општина Пустец, како што е снабдувањето со вода за пиење, посочи тој.
Во исто време, побара владата да обезбеди средства за социоекономскиот развој и инфраструктура во другите области каде што живее македонската заедница, како што е областа Голо Брдо во општините Булќиза и Либражд, областа Гора во општина Кукс и селото Врбник во општина Девол.
Друг проблем што го наоѓам во Нацрт-буџетот за 2021 година е тоа што иако е законска обврска, не се планираат средства за Фондот за националните малцинства, преку кој ќе се поддржуваат иницијативи и проекти насочени кон заштита на правата на малцинствата и заштита и унапредување на нивниот национален, јазичен и културен идентитет, со жалење констатираше Стерјовски.
Посочи дека владата треба да го земе предвид решавањето на горенаведените проблеми затоа што македонското малцинство, како и другите малцинства, се лојални граѓани и редовни даночни обврзници на Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.