Осомничениот за суровото убиство на тројцата членови на семејството Ѓокиќ во Србија, кој беше уапсен вчера, е близок роднина на семејството, пишуваат српските медиуми. Станува збор за 59-годишниот Горан Џониќ, прв братучед на убиениот Горан.

Тој бил еден од ретките луѓе во кои Горан Ѓокиќ имал доверба и веројатно го искористил тоа за да ги убие заедно со сопругата Гордана и ќерката Лидија, откриваат полициски извори. И двете семејства живееле на иста улица и биле доста блиски. Ѓокиќ дури и го ангажирал роднината да му го пере автомобилот, затоа што немал доверба во работниците во пералниците, бидејќи парите од неговата менувачница ги чувал во сефови вградени во автомобилот.

Знаејќи го ова, братучедот поминал околу шест месеци подготвувајќи се за грозоморниот чин, велат српските медиуми.

Г.Џ. испланирал сѐ однапред, ја подготвил нафтата, нашол дупка во која ќе ги закопа телата, ги одвел таму, ги убил и ги запалил, пишува Информер, повикувајќи се на извори од истрагата.

Во извештаите на српските медиуми се додава дека сомничениот братучед е поранешен пожарникар, кој од прв обид го поминал тестот на детектор на лаги, има психички проблеми.

Тој, според изворите од истрагата, откако ги убил братучедот, снаата и 26-годишната внука, влегол во нивниот автомобил и го однел на друга локација, на која го запалил. По ова, тој се качил на скутер кој го чекал на местото и си заминал. Неофицијално, при вчерашното апсење, во дворот на осомничениот се пронајдени закопани 43.000 евра кои ги украл од убиените.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.