Првата дама на Бугарија, Десислава Радева, е примена во софиската болница „Свети Иван Рилски“ во тешка состојба. Како што јавуваат тамошните медиуми, повикувајќи се на изјави од лекари во болницата, нејзината состојба е сериозна, но засега стабилна.
Официјални информации нема ниту од болницата, ниту од Кабинетот на Претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Дел од медиумите известуваат дека и биле направени сите испитувања за да се превенира евентуално дополнително влошување на состојбата, но не ја исклучуваат можноста, врз сопругата на бугарскиот претседател во текот на денешниот ден да биде извршена и посериозна интервенција.
Радева била примена на невролошкиот оддел во болницата „Свети Иван Рилски“ во понеделникот попладне откако се пожалила дека 12 часа има силна и непрекината главоболка. Испитувањата и ангиографијата, како што пишуваат бугарските медиуми, покажале дека таа има три аневризми во мозокот.
Во текот на вчерашниот ден преку интервенција врз артериите била направена и проверка на состојбата на аневризмите.
Аневризмите, според нив се последица од прележаниот Ковид.
Десислава Радева беше позитивна на корона вирусот во средината на февруари. Тогаш таа и нејзиниот сопруг поминаа 10 дена во изолација и ги одложија сите предвидени активности во тој период.
Не е познато колку тешки биле симптомите и како таа се справила со болеста, но како што тврдат бугарските медиуми, оттогаш таа воопшто не се има појавено во јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.