Српската премиерка Ана Брнабиќ утрово во 10 часот, прва во Србија ја прими вакцината на „Фејзер“ против коронавирусот. По неа, се вакцинираше и докторката Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, актуелна министерка за труд и социјални работи.

По исполнувањето на условите, земањето анамнеза и пополнување на образец, мерењето на температура, премиерката ја доби својата прва доза од вакцината. По неа, на „жешкото столче“ седна членката на Кризниот штаб и министерка Дарија Кисиќ Тепавчевиќ.

По нив, вакцината ја прими и членот на Кризниот штаб, епидемиологот Предраг Кон.

За време на гостување во Српската радиотелевизија, Кисиќ Тепавчевиќ рече дека е горда што Србија успеала да ја набави вакцината меѓу првите земји во светот.

Вакцината е веќе во нашата земја, тоа е одлична вест. Тоа е нешто што може да биде светло на крајот од тунелот на оваа долга епидемија – истакна таа.

Говорејќи за почетокот на вакцинацијата во геронтолошките центри, што треба да започне денеска во Белград и Нови Сад, а утре во Ниш, таа рече дека одлуката не е донесена ад хок.

Кисиќ – Тепавчевиќ потенцираше дека лекарите се обучени и дека се подготвени да ги вакцинираат граѓаните со вакцина која, како што изјави, се покажала како безбедна и не предизвикува сериозни негативни реакции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.