Судот во Атина, денеска се очекува да ги соопшти одлуките околу барањата на адвокатите за олеснителните околности и ублажувањето на казните, а потоа да започне процесот за одредување на конечните казните, паралелно со рочиштето, повторно се закажани протести.

На претходното рочиште, во петокот, адвокатите на осудените членови на Златна зора, завршија со презентацијата на нивните аргументи во барањата за ублажување на казните.

По соопштувањето на одлуката дали ќе бидат земени предвид олеснителните околности што ги бараат адвокатите или не, ќе следи и предлогот на обвинителката за казните, по што збор повторно ќе имаат адвокатите, а на крај, откако членовите на судскиот совет ќе одржат состанок, ќе бидат соопштени конечните казни за осудените за криминална организација.

Со оглед на тоа дека станува збор за долг процес, не е исклучена можноста казните да бидат соопштени или доцна вечерва или утре, на ново рочиште.

Никос Михалољакос, лидерот на партијата и шест поранешни пратеници, откако во средата беа прогласени за виновни за водење криминална организација се соочуваат со затворска казна од пет до 15 години, додека пак 43 други членови на Златна зора, меѓу кои и 11 поранешни пратеници се виновни за учество во криминална организација и може да добијат од пет до десет години затвор.

Доколку се земат предвид олеснителните околности, казната затвор за водење криминална организација, може да се намали од две до осум години, а за учество од една до пет години.

Меѓу осудените е и поранешниот пратеник од Златна зора, а сега независен европратеник Јанис Лагос, кој преку социјалните мрежи најави дека од Брисел доаѓа во Атина за да присуствува на денешното рочиште, но и најави протест под мотото „И ние имаме глас. Да не одат во затвор националистите“.

Протестот беше закажан за 9 часот наутро, меѓутоа од Министерството за цивилна заштита на Грција, соопштија дека конкретниот собир за поддршка на осудените од Златна зора ќе биде забранет поради „непосредна сериозна опасност по јавната безбедност“.

Другиот протест, оној против Златна зора, се очекува да се одржи регуларно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.