Стотици граѓани се собраа пред Владата во Тирана за да протестираат во знак на незадоволство од зголемувањето на цените на основните производи како што се лебот, други прехранбени артикли, нафтата и гасот.
Граѓанскиот активист Адријатик Лапај за медиумите изјави дека „не може да има молк пред неправдата и оти секој мора да протестира за своите права“.
Мислам дека има потреба сите да се солидаризираат и сите да не замижуваат пред фактот да им се земе лебот од уста. Зголемувањето на цените директно води кон зголемување на проблемите на граѓаните. Следниот протест пред владата ќе го одржиме в понеделник во 17 часот, кога очекуваме поголема масовност – изјави Лапај.
На протестот, кој траеше еден час, можеше да се видат транспаренти на кои пишуваше „Глад без ДДВ“ „Светлина без свеќа“ „Гориво без луксуз“.
Присутни беа и познати имиња од екраните, меѓу кои и комичарот Флор Бинај. Тој порача дека секој треба да го подигне гласот, бидејќи зголемувањето на цените влијае на сите.
Протестот беше претходно најавен на социјалните мрежи од граѓани и граѓански активисти.
Во врска со протестот, имаше реакција од Американската амбасада која ги повика своите граѓани да го избегнуваат движењето во тој дел на градот, наведувајќи дека организатор е опозициската Демократска партија, но подоцна ја смени објавата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.