Официјални претставници на Западен Балкан и на Европската унија во Берлин договорија мерки за спречување на илегалната миграција на „балканската рута“, од кои најважни се усогласувањето на визната политика на западнобалканската шесторка со стандардите на ЕУ и сузбивањето на шверц на луѓе, соопшти германското МВР.

На состанокот на министрите за внатрешни работи како дел од берлинскиот процес, постигнат е договор синоќа за ефикасна заштита на границите со поддршка на европската агенција Фронтекс и за процедури за враќање на бегалците кои немаат правна основа за престој во ЕУ во нивните матични земји.

Министрите и официјалните лица се собраа во Берлин на покана на германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, за да разговараат за сузбивањето на илегалната миграција преку балканската рута и борбата против организираниот криминал.

Европа има заедничка одговорност да го запре нелегалниот влез за да можеме да продолжиме да им помагаме на луѓето на кои итно им е потребна нашата поддршка“, рече Фесер.

Сакаме да ги заштитиме луѓето кои доаѓаат кај нас поради војни и политички прогон. Остануваме доследни на нашата хуманитарна одговорност“, рече Фезер. Истовремено, како што рече, европските партнери се решени да ја спречат илегалната миграција.

Таа додаде дека на средбата, заедно со договорот за миграцијата, е постигнат договор сите европски партнери да сакаат дополнително да ја интензивираат соработката со сите земји од Западен Балкан во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Тоа ќе ја подобри безбедносната ситуација не само таму, туку и во ЕУ и пошироко“, рече Фесер.

На средбата во Берлин беа поканети министри за внатрешни работи или други релевантни претставници на Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, како и претставници на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија.

Учествуваа претставници на Европската Унија, меѓу кои и комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, како и претставници на меѓународни организации.

Берлински процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницираше во 2014 година кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан. Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.