Претседателот на Бугарија Румен Радев со декрет назначи привремена влада на Република Бугарија, која од утре ќе почне со работа. Вршителот на должноста премиер ќе биде Стефан Јанев, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, со друг указ, претседателот Румен Радев го распушти 45-то Национално собрание и закажа предвремени парламентарни избори во Бугарија. Претседателот го потпиша указот за одржување предвремено гласање на 11 јули.
Шефот на државата минатата недела посочи дека 11 мај е најраниот можен датум за уредба за привремена влада. Според Радев, владата ќе биде избалансирана.
Привремената влада има многу краток мандат, очекувањата се големи, одговорностите се високи и прашање на рамнотежа е да се најде најдобриот тим за комбинирање на оптимален начин за да се исполни оваа тешка задача – истакна Радев.
Ова ќе биде шестиот кабинет од падот на комунизмот во Бугарија есента 1989 година и втор за време на претседателството на Румен Радев.
Претходно, дописникот на МИА од Софија јави дека новиот министер за надворешни работи на Бугарија доаѓа од Данска, тоа е амбасадорот на земјата Светлан Стоев, кој е искусен дипломат од кариера.
Како „изненадувачка“, софиските медиуми ја опишуваат можноста поранешниот бугарски претставник во ОН, Георги Панајотов, да биде новиот министер за одбрана. Тој е искусен дипломат, беше шеф на одделот за НАТО во бугарското Министерство за надворешни работи, а во 2010 година беше испратен во Вашингтон како заменик-шеф на Амбасадата во САД.
Сè уште е нејасно кој ќе биде министер за внатрешни работи, дали поранешниот бугарски пратеник од БСП и шеф на истрагата во Бугарија Бојко Рашков или Николај Радулов, кој беше главен секретар во Министерството за внатрешни работи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.