Туристичката организација на Будва соопшти дека во сите типови на сместувачки капацитети регистрирани се 1500 гости, што е речиси 20 пати помалку отколку минатата година во исто време кога престојувале 29 илјади.

Како што пренесува подгоричкиот весник Вијести, приватното сместување е празно, хотели кои не се отворени, поголемиот дел од рестораните не работат или има малку гости, пусти плажи ја отсликуваат Будва на почетокот на главната сезона.

Сопственикот на плажата „Морген“, Роберт Виола вели дека засега сезона нема.

Се надеваме дека што поскоро ќе биде отворена границата со Србија, бидејќи има многу работници од таа држава кои кај нас се сезонски ангажирани. Но, доколку сезоната продолжи како што почна, работници нема да ни бидат потребни, изјави Виола, пренесува српски Блиц.

Дека на Будва и следува една од најтешките летни сезони од разорниот земјотрес 1979 година, потврдуваат и драстично намалените приливи од таксата за престој.

Секретарот за финансии и в.д директор на Управата, Петар Оджиќ изјави дека за четири пати се намалени приходите за разлика од лани во истиот период кога се наплатени 644.031 евра.

Оваа година сите изворни приходи на туристичките организации ќе бидат силно погодени, како таксата за престој која зависи од бројот на туристи и успешноста на туристичката сезона, како и придонесите од членување кои со новите измени на законот се наплатуваат само на претпријатијата кои ќе остварат добивка од туристичката сезона, изјави тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.