Второстепената пресуда во постапката против поранешниот командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ ќе биде соопштена на 8 јуни, одлучи Хашкиот трибунал.

Пресудата по жалбите ќе биде соопштена во 15 часот по локално време, се наведува во одлуката, потпишана од судијката Приска Матимба Нијамбе.

Жалбениот совет побара од учесниците во постапката до 25 мај писмено да го известат судот дали тие и обвинетиот Младиќ сакаат да се приклучат преку видео повик, поради ограничувањата заради епидемијата на коронавирус.

Крајот на хашкиот процес против Младиќ беше одложен неколку пати поради пандемијата на коронавирусот и операцијата на која беше подложен Младиќ во март минатата година.

Кон средината на ноември минатата година, расправата за состојбата во постапката беше одложена, бидејќи бранителите на Младиќ не можеа да допатуваат во Хаг поради ограничувањата поради пандемијата, и тој одби да се одржи седницата преку видео врска.

Младиќ последен пат беше во судницата во Хаг во август минатата година за време на расправата за жалбите на првостепената пресуда.

На 22 ноември 2017 година, Хашкиот трибунал го осуди Ратко Младиќ (77), воен командант на Армијата на Република Српска, на доживотен затвор за геноцид во Сребреница; прогон на Хрватите и муслиманите низ цела БиХ; тероризирање на населението во Сараево со долготрајно гранатирање и снајперирање и земање како заложници на припадници на УНПРОФОР во 1992-95 година.

Трибуналот го ослободи Младиќ од вината за геноцид во уште пет босански општини.

Одбраната со жалба побара Младиќ да биде ослободен од обвинение или повторно да му се суди, тврдејќи дека обвинителството не ја докажало неговата вина.

Обвинителите бараа генералот Младиќ да биде прогласен за виновен и за геноцид врз муслимани и Хрвати во пет општини во БиХ.

Првото обвинение против Младиќ беше покренато од Хашкиот трибунал во ноември 1995 година, а тој беше во бегство до крајот на мај 2011 година, кога беше уапсен од српските власти во Лазарево кај Зрењанин и потоа екстрадиран во Хаг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.