Фабрика за конзервирање во Пела, во северниот дел на Грција ќе биде десет дена затворена, откако беа потврдени 114 позитивни случаи на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

По спроведените контроли и по наредба на заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, а во согласност со Националната организација за јавно здравје, фабриката од денеска е целосно затворена. Генералниот секретар за цивилна заштита итно замина за Пела каде што попладнево ќе одржи состанок со локалните власти на која ќе разговараат за справување со ситуација и за спречување на дополнително ширење на коронавирусот.

Позитивни случаи на Ковид-19, вчера беа потврдени и во атинска државна болница, односно кај вработени на Клиниката за торакална хирургија, а просториите беа дезинфицирани.

Заразени со коронавирусот се пет лица, тројца лекари и двајца болничари, додека пак направени се тестови и на останатите 38 вработени. Резултатите на 22 од нив се негативни, а во текот на денот се очекуваат резултатите и за останатите 16 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.