Министерот Оливер Спасовски и министерот за внатрешни работи на Република Косово Екрем Мустафа, денеска во Приштина потпишаа Договор за реципрочно признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и Косово и Меморандум за соработка од областа на внатрешната контрола.
„Денеска, на оваа заедничка средба, заокруживме едно поглавје од целокупниот процес на воспоставување правна рамка како услов за соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи. Како резултат од оваа средба, произлегува потпишувањето на Договорот меѓу двете Влади за реципрочно признавање на возачките дозволи, меѓународен акт од кој најмногу полза ќе имаат граѓаните на Република Македонија и Република Косово“, изјави на потпишувањето Спасовски.
Двете држави реципрочно ќе ги признаваат возачките дозволи на возачите кои имаат законски престој на територијата на едната или другата држава. Воедно, граѓаните кои имаат регулирано престој ќе можат, без обврска за полагање теоретски и практичен дел од возачкиот испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава. При исполнување на ова свое право граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура согласно пропишаните национални законодавства на двете држави. Ваков договор пред неколку месеци беше потпишан со Сојузна Република Германија, а претходно и со Италијанската Република, Кралството Шпанија, Република Албанија, Република Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Освен со овие држави, во тек е процедурата за потпишување договор за признавање и замена на возачки дозволи и со Република Турција, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, кои претставуваат приоритет на Министерството за внатрешни работи, со оглед на фактот дека голем број македонски државјани живеат и работат во тие држави. Министерството за внатрешни работи освен врз основа на потпишани билатерални договори, врши замена на возачки дозволи и со други држави врз основа на националното законодавство и Виенската конвенција за патен сообраќај од 1968 година.
„Во насока на унапредување на соработката во полициското работење, потпишавме и Меморандум меѓу двете Министерства за внатрешни работи за зајакнување на соработката од областа на внатрешната контрола. Овој Меморандум има за цел заедничка превенција и репресивно делување на службите за внатрешна контрола на двете држави, во насока на сузбивање на коруптивното однесување на полицијата, со посебен акцент на сузбивањето учество на вработените во организиран криминал, трговија со луѓе, илегална миграција и криумчарење мигранти и други противправни дејства, како и почитување на човековите слободи и права преку различните форми на соработка утврдени со овој Меморандум. Соработката и напредокот на полициското работење согласно нормите и стандардите на ЕУ го поттикнува приближувањето на Република Македонија и Република Косово кон Европската Унија“, изјави Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.