Поранешниот српски претседател и лидер на Социјалдемократската партија (СДС), Борис Тадиќ, оцени дека, паралелно со борбата против коронавирусот и „под мантија на таа борба, се спроведува најбруталната функционерска кампања во поновата историја на Србија“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Вучиќ не е повеќе само човек над сите закони и институции, туку е и специјален воспитувач на нацијата кој во секојдневните орвеловски обраќања лично се бави со секој детал, сите одлуки зависат од неговата добра волја; целата помош што доаѓа е резултат на неговите лични контакти и така натаму, изјави Тадиќ, за денешното издание на весникот Данас.
Како што кажа, „со ова се создава погрешен впечаток дека од него лично зависи животот и смртта на секој човек во Србија и дека секој што ќе преживее треба да му биде лично благодарен“.
Тадиќ оцени дека е очигледно да „одредени лекари се селектирани за да бидат всушност медиумски доктори и јавни поддржувачи на оваа власт“.
– Дојдовме не само во комична, но и опасна ситуација, при што лекарите кои се обраќаат на јавноста се повеќе стануваат политичари, а Вучиќ се повеќе ја презема улогата на лекар. Не би ме изненадило да по овој медиумски излет во медицината, неговите најфанатични следбеници почнат да му се обраќаат со барање да им препишува рецепти, изјави Тадиќ.
Како што кажа, не може целосно да им се верува на лекарите кои упатуваат критики до граѓаните, а немаат критика кон власта која го исмеваше вирусот во времето кога сите овие граѓани беа заразени.
-Како што мислев дека е неопходно да се разговара за бојкот (на изборите) во сите негови аспекти пред да се дојде до таа одлука, така и сега мислам дека со оглед на новата состојба и однесувањето на власта за време на ова криза, би било одговорно за сите нас заедно да разговараме за одлуката за бојкот, изјави Тадиќ за прашањето околу изборите.
Тој оцени дека развојот на настаните може да биде таков да опозицијата процени дека има уште посилни причини за бојкот, но и дека единствената одговорна и соодветна одлука може да биде и да се откаже од бојкотот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.