Поранешниот командант на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово, бивш премиер и министер за одбрана на Косово, Агим Чеку, вчера е повикан да се појави на сослушување пред Специјалното обвинителство во Хаг на 28 септември.

Вчера добив покана како осомничен. Патувам на 28 септември, рече Чеку за порталот Коха.нет.

Со поканата од Специјалниот суд во Хаг до Чеку се комплетира бројот на повикани членови од главниот штаб на ОВК и најголемиот број команданти на зони.

Според информациите од Здружението на ветерани на поранешна ОВК, околу 250 нивни членови се повикани пред Специјалниот суд како осомничени или како сведоци.

Специјалното обвинителство во Хаг првите обвиненија против осомничени поранешни припадници на ОВК за злосторства извршени за време на војната на Косово ги поднесе во февруари годинава.

Потоа, во јуни, Обвинителството до Специјализираните совети на сослушување поднесе обвинение со кое Хашим Тачи, Кадри Весељи и други лица се товарат за злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучувајќи убиства, присилно исчезнување, прогонства и тортура.

Денеска во седиштето на ЕУЛЕКС во Приштина продолжи распитот на претседателот на ДУИ Али Ахмети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.