Силниот дожд предизвикан од невремето „Балос“ што ја зафати Грција, предизвика проблеми во повеќе делови на земјата, а жителите на Атина, со порака од бројот 112 за итни случаи беа предупредени да избегнуваат непотребни движења затоа што неколку централни булевари и дел од училиште се поплавени.

Социјалните мрежи во Грција, денеска се „преплавени“ со видеа од поплавени улици, училишта, но и факултети во Атина.

Учениците од една паралелка од основно училиште во атинска населба се евакуирани од поплавена барака, откако наставниците со помош на клупите, направиле мост преку кој децата стигнале до централната зграда на училиштето.

Со одлука на префектот на областа Атика, поширокиот дел на Атина, попладнево сите училишта во овој регион се затворени, а дополнително во зависност од временските услови утре ќе се одлучи дали ќе работат.

На неколку булевари во Атина, кои секоја година, поради обилните врнежи се поплавуваат,  сообраќајот привремено беше во прекин.

Противпожарната служба, само во областа Атика добила над 200 повици за помош.

На редовен брифинг со новинарите, портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому истакна дека приоритет на Владата е заштита на човечките животи, како и заштитата на имотите.

Тој истакна дека на континуираните состаноци на министерот за климатска криза и цивилна заштита со надлежните органи било одлучено локалните власти веднаш да ги известуваат граѓаните да избегнуваат, особено во текот на ноќта, подруми или делови каде што во минатото имало поплави; да се активира бројот 112; сите сили на цивилната заштита, пожарната, полицијата, војската и брзата помош да бидат во состојба на готовност за да можат навремено да интервенираат, доколку биде потребно, а од вчера се во функција оперативни центри во различни делови на земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.