Протокол со амандмани на веќе постоечкиот Договор за одбранбена соработка од 90-те години меѓу Грција и САД потпишаа шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и американскиот државен секретар Мајк Попмео на нивната денешна средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Помпео рече дека Грција е важна за стратешката стабилност во Европа и источниот Медитеран, додека пак Дендиас истакна дека Грција по кризата се враќа на меѓународната сцена како столб на стабилност во поширокиот регион. И двајцата коментираа дека започнува нова ера во билатералната соработка.
Имаме нов ден во нашите односи меѓу нашите две земји и нашата посветеност на демократијата и се надеваме дека Грција ќе биде стратешки партнер во Европа и во Источниот Медитеран, рече Помпео и додаде дека Америка сака да стане сојузник на Грција во повеќе теми како што е енергетиката.
Стратешката надградба на соработката со Соединетите Американски Држави претставува гаранција за безбедност, стабилност, развој и просперитет, рече Дендијас и додаде дека соработката меѓу двете земји се проширува и во други области како што се економијата, трговијата, енергетиката, инвестициите, борбата со тероризмот и сл.
Дендијас и Помпео на прес-конференцијата по нивната средба, освен што говореа за важноста на договорот, одговарајќи на новинарски прашања се осврнаа и на активностите на Турција во Егејското Море за кои Дендијас рече дека со „нелегалните дупчења го прекршува меѓународното право”.
Ги разбираме ризиците, ги знаеме активностите и работиме на тоа да немаме милитаризација на ова прашање и ескалација. Треба да постигнеме заемно прифатливи резултати. Не можеме на никој да дозолиме да прави нелегални дупчења. Не може да се дозволи тоа, рече американскиот државен секретар.
Пред средбата со Дендијас, Помпео се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос.

Договорот од Преспа е чекор кон стабилност во регионот, рече американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на обраќањето во културниот центар „Ставрос Ниархос“ во Атина по средбите со неговите домаќини.

Помпео говореше за предизвиците со кои се справува Грција, како што рече „покажувајќи го патот напред“ и во тој контекст ги наброја темите меѓу кои и „Балканот кој останува регион на стратешки натпревар“, Русија, бегалското прашање, Кина, енергетските извори и слично, а кусо го спомена и Договорот од Преспа.
Она што е одлично за сето ова е тоа што ние гледаме дека Грција се справува со овие предизвици, покажувајќи го патот напред. Тоа го обезбедивте со Договорот од Преспа, што е чекор кон стабилност на Балканот, санкциите за Русија за инвазијата во Крим и источна Украина, го одбивте иранскиот танкер со нафта, рече американскиот државен секретар во обраќањето.
Помпео рече дека Грција почнала да го гледа светот како што го гледаат САД и затоа се проширува партнерството „кое веќе е на најдобро ниво од било кога“.
Додека беше во тек средбата на американскиот државен секретар со министерот за надворешни работи на Грција во грчкото МНР, протест во центарот на Атина, против посетата на Помпео одржаа анархистички и левичарски здруженија и организации, но и Комунистичката партија. Протестите поминаа со мали тензии и судир меѓу демонстрантите и полицијата, а со боја беше нападнат споменикот на Труман.
Протест се одржа и во Солун, каде што демонстрантите пред конзулатото на САД го запалија американското знаме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.