Секој втор Грк, односно 50 проценти од анкетираните се многу (17,5 отсто) или доста (32,5 отсто) задоволни од целокупната политика на грчката влада во првите три месеци од мандатот според истражувањето на јавното мислење спроведено до агенцијата „Opinion poll”, jави дописничката на МИА од Атина.
Резултатите од месечниот барометар за октомври што ги пренесува информативниот портал „Прото тема”, генерално покажуваат позитивен став на граѓаните во однос на владината политика со исклучок на мигрантското/ бегалското прашање за кое 71,9 отсто од испитаниците рекле дека не се задоволни (52 отсто) или веројатно не се задоволни (19,8 проценти) за конкретното прашање.
Одредени страни упатуваат критики до владата дека за мигрантскиот/ бегалскиот проблем не се покажа толку подготвена како за други прашања и дека задоцни над два месеци во справувањето со проблемот. Вие се согласувате со оваа критика или не?, е прашањето на кое 51 отсто одговориле дека се согласуааат, 13,2 отсто дека веројатно се согласуваат, 10 проценти веројатно не се согласуваат, а 21,4 отсто не се согласуваат.
Во однос на другите прашања, мнозинството од анкетираните се согласуваат со иницијативата на владата да донесе закон со кој ќе им се овозможи на Грците кои живеат во странство да гласаат. Изразуваат поддршка и за предлогот за спроведување прелиминарна истрага за поранешниот алтернативен министер за правда од владата на СИРИЗА за случајот со фармацевтската компанија „Новартис”.
Позитивен е ставот на испитаниците и за политиката на владата во „справувањето со турските провокации”, за економијата, но и за целокупната политика на грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис.
На прашањето „кого сметате за поспособен за премиер?”, на првата позиција е Кирјакос Мицотакис со 45 отсто, а поранешниот претседател на владата на Грција, Алексис Ципрас добива 21 проценти, додека 30,2 отсто од анкетираните одговориле „никој”.
Од министрите од владата на Мицотакис, најголем број позитивни оценки добива шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас (59 отсто), а зад него се министерот за финансии Христос Стаикурас (55 отсто) и министерот за енергија Костис Хаѕидакис (53 отсто).
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Opinion poll” било спроведено од 8 до 11 октомври преку телефонски интервјуа во кои учествувале 1055 домаќинства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.